Преку едукација и ресурси, создаваме одржливи модели на организирање на заедницата за унапредување на родовата еднаквост во регионот.
Во рамки на проектот „Нејзин глас – нејзина моќ: зајакнување на маргинализираните жени и девојки во Пелагонија“, во месец декември беше успешно реализирана Школа за родова еднаквост. На школата за родова еднаквост зедоа учество 20 лица од Пелагонискиот регион, кои беа избрани со цел да се обучат и едуцираат на теми поврзани со родовата еднаквост, правата на жените и девојките и начини за активно учество во нивното зајакнување.
Целта на школата беше да се создаде мрежа на родови промотори кои ќе продолжат да работат на имплементацијата на проектот во своите заедници и кои ќе придонесат за подигнување на свесноста за родовата еднаквост и важноста на оснажување на жените и девојките во Пелагонија.
Школата беше спроведена преку интерактивни работилници, предавања, групни дискусии и студии на случаи. Програмата ги опфати темите на основи на родовата еднаквост преку кои учесниците учеа за основни теоретски концепти, како што се род, пол, родова улога и родови стереотипи. Учениците научија како да разликуваат родова дискриминација од други видови нееднаквости, специфичните предизвици со кои се соочуваат жените и девојките во Пелагонија, како што се ограничените можности за вработување, недостатокот на образовни ресурси, како и социокултурните бариери. Учесниците научија како да се организираат и да влијаат на своите заедници преку кампањи, јавни говори и иницијативи за промена на ставовите и законодавството во врска со родовата еднаквост. Истите се стекнаа со вештини за идентификување и решавање на проблемите на жените во своите локални заедници.
Реализацијата на Школата за родова еднаквост претставува значаен чекор кон зајакнување на жените и девојките во Пелагонија, како и нивно активно вклучување во процесот на промена на свеста и ставовите во нивните заедници. Со оваа школа, проектот не само што обезбедува неопходна едукација и ресурси за учесниците, туку и создава трајни влијанија преку формирањето на мрежа од промотори на родова еднаквост која ќе продолжи да работи на унапредување на родовата еднаквост во регионот.
„Нејзин глас – нејзина моќ: зајакнување на маргинализираните жени и девојки во Пелагонија“ е проект на Центарот за граѓанска иницијатива – Прилеп што се спроведува во партнерство со Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ од Прилеп и Мултиетнчничко здружение за сите воздрасти од с. Црнилиште, Долнени. Проектот е подржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.